АктуелноДомашна сценаКарате

Дејан Милошевски со уште еден историски успех за Америка и Македонија

Кога срцето е посилно од системот, се раѓаат легенди, се создаваат лидери.

Изминатата недела, во Монтереј – Мексико, се оддржа најголемото Панамериканско карате првенство досега, организирано од Панамериканската карате федерација (ПКФ).

Настанот собра 563 натпреварувачи од 28 земји во сениори, У-21 и пара карате. Првенството ќе остане запаметено не само по бројноста, туку и по историјата што се испиша на татамите.

САД доминираа со 9 златни, 4 сребрени и 6 бронзени медали, освојувајќи го врвот пред Мексико и Чиле. Овој настан ќе се памети и по тоа што за првпат се натпреваруваа и пара карате и У-21 категории – што го направи најкомплетниот континентален шампионат на Америка досега.

Но вистинскиот момент што го направи овој шампионат навистина посебен не беа само медалите – туку едно судиско место, каде седеше еден Македонец со американски грб, но со македонско срце – Дејан Милошевски.

По минатомесечниот триумф на УСА опен 2025, каде што се врати на натпреварувачкиот татами по неколкугодишна пауза и освои злато, Милошевски сега испиша нова страница во историјата – како судија:

Прв Македонец и единствен во историјата на македонското и американското карате со две континентални судиски лиценци – европска и панамериканска.

Од 105 судии кои полагаа, само Дејан ги положи двата теста со 100% точност – нешто што никој друг не го постигна на ова полагање.

Наградата? Највисоката можна судиска лиценца за борби – рефери А, директно одобрена и доделена од претседателот на ПКФ, Хозе Гарсија Мањон, како и лиценцата за кати. Наместо да започне од првата лиценца, како што е вообичаено, Милошевски доби признание што обично се стекнува по долги години искуство и работа.

Тоа не е само признание. Тоа е преседан. Тоа е историја.

И ако мислите дека ова било лесно – размислете уште еднаш. Сè е постигнато без никаква поддршка од родната Македонија – со целосно игнорирање од федерацијата во последните 6 години. Успехот е само со вера, дисциплина и срце што не се откажува.

„Оваа година добив огромна поддршка од Карате федерацијата на Америка. Бев вклучен во нивната судиската комисија, а овој месец за првпат ја претставував Америка на ваков голем шампионат. Се подготвував со страст и визија – сакав да бидам најдобар и да се  претставам во најдобро светло.

Лично од претседателот на ПКФ ми беше доделена највисоката лиценца за борби – Рефер А, како и лиценцата за кати. Тоа не се случува секој ден. Тоа е доказ дека кога сонуваш со отворени очи, со труд и душа – резултатот ќе блесне.

За време на шампионатот судев неколку финалиња и бев одговорен за менаџирање на судии на едно од татамите. Многумина ме прашуваа од каде сум, и со гордост кажував: од Македонија!

По овој шампионат, бидете сигурни – секој судија, секој член на ПКФ, ќе знае за Македонија. И тоа благодарение на мене – на едно момче кое никогаш не се откажа, и покрај големиот притисок.

Ова не е само мое постигнување. Ова е порака до сите млади – не чекајте системот да ве поддржи. Верувајте во себе. Работете напорно. И кога ќе успеете – ќе блеснете посилно од сите што добиле патот на готово.

Мојот пат беше тежок. Но мојот успех – епски“, вели Дејан Милошевски и додава:

„Никој не може да ти ја земе светлината што ја создаваш кога успеваш без ничија поддршка.

Тоа е светлина што останува да гори – за сите што ќе дојдат по тебе.Кога има љубов и визија – сè е возможно“.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON