Мозес Итаума би можел да ја има следната борба против поранешниот светски шампион кој го нокаутира Еј-Џеј

Промоторите на британската надеж во тешка категорија Мозес Итаума неодамна изразија загриженост дека не можат да најдат квалитетен противник за својот борец.
Откако минатиот викенд на настан во Глазгов го победи Американецот Мајк Балогун со технички нокаут во втората рунда, се појавија два потенцијални противници.
Често се споменуваше Конгоанецот Мартин Баколе, како и најдобриот хрватски боксер Филип Хрговиќ. Но, сега во медиумите се појави името на трет можен противник.
Британската сензација во тешка категорија Итаума има само 20 години и многумина веќе го споредуваат со боксерската легенда Мајк Тајсон.
Последниот триумф на непоразениот Мозес над Балогун беше 12-та победа во неговата кариера и десета што заврши со прекин.
Поранешниот британски боксер Спенсер Оливер верува дека Итаума има одличен противник – поранешниот светски шампион Енди Руиз Јуниор.
„Навистина би сакал да го видам Мозес Итаума како се бори со Енди Руиз“ рече Спенсер Оливер и продолжи:
„Знаеме дека е жилав, издржлив е, сигурно може да удира и би сакал да го видам тоа да се случи. Мозес може да добие и неколку добри удари од него. Тоа би бил добар тест за него. Нека ја заврши работата со Енди Руиз и ќе знаеме сè. Руиз сака да се врати во елитата, а Итаума сега е на врвот на ранг-листата на ВБО“.
Поранешниот боксер Пол Смит истакна дека тоа би била „неверојатна борба“, но предупредува…
„Секој тешкаш би го сметал мечот против Мозес Итаума за многу тежок во овој момент“, додаде Пол Смит.
Енди Руиз (35-2-1, 22 нокаути) на почетокот на јуни 2019 година со прекин во седмата рунда го победи Ентони Џошуа и ги освои титулите шампион на ВБА (Супер), ИБФ и ВБО. Шест месеци подоцна, Еј Џеј беше поуспешен во реваншот и ги врати појасите.
Американско-мексиканскиот борец се бореше само три пати по тој пораз, ги победи Крис Ареола и Луис Ортиз, а во август минатата година ремизираше со Џарел Милер.
Следната борба на младото боксерско чудо е закажана за 19 јули во Лондон на настан кој го предводи мечот за апсолутен шампион во тешка категорија меѓу Александар Усик и Даниел Дубоа.



