Менаџерот на Усик истакнува пред големиот реванш дека Дубоа има само силен удар

Менаџерот на Усик, Сергеј Лапин, го нарече Даниел Дубоа „пони со еден трик“ пред нивната борба на 19 јули на Вембли за неоспорната титула во тешка категорија.
Непоразениот Украинец Александар Усик ќе се обиде да ги обедини титулите, носејќи ги ВБА (Супер), ВБЦ и ВБО појасите во борбата, додека британскиот борец во рингот ќе ја донесе титулата на ИБФ.
Ова ќе биде втор пат Усик и Дубоа да се сретнат, откако пред нешто помалку од две години украинскиот тешкаш го победи Даниел со нокаут во деветата рунда.
Дубоа доживеа огромен подем од таа ноќ во Вроцлав, победувајќи ги со прекини Џарел Милер и Филип Хрговиќ, а потоа во септември минатата година во петтата рунда го нокаутира Ентони Џошуа.
Сергеј Лапин истакнува дека единственото нешто што го има Даниел е ударот, што го прави „лесен“ противник за Усик.
„Даниел Дубоа е добар млад човек со силен удар и тоа е сè што има“, рече Сергеј Лапин и продолжи:
„Силниот удар е неговиот главен адут. Тој е „пони со еден трик“ (личност која се истакнува во нешто, но ѝ недостасуваат други вештини, з.а.). Имаше неколку добри борби, дури го гледав и против Еј-Џеј. Но, искрено, Дубоа не ја доби таа борба, Еј-Џеј едноставно ја изгуби. Ако го погледнете Усик – тој има брзина, добра работа со нозете, неверојатни боксерски вештини, а неговиот тајминг зборува многу за тоа колку е подобар борец. Боксот е како брз шах, за да победите, мора да го прочитате противникот“.



