Френк Ворен открива кога Џозеф Паркер треба да се врати во рингот

Новозеландецот Џозеф Паркер во февруари требаше да се бори против шампионот во тешка категорија на ИБФ, Даниел Дубоа, но Британецот се откажа два дена пред настанот поради болест.
ВБО неодамна објави дека Паркер, како привремен шампион на нивната организација, е прв на листата на предизвикувачи за потенцијален меч против победникот од борбата меѓу Александар Усик и Даниел Дубоа.
А двајцата на 19 јули на Вембли ќе се борат за апсолутната титула во тешка категорија. Украинецот во рингот ги носи титулите ВБА (Супер), ВБО и ВБЦ, додека Британецот ќе ја заложи титулата на ИБФ.
Боксерскиот промотор Френк Ворен открива дека Паркер ќе го чека исходот од борбата меѓу Усик и Дубоа и нема да се врати на рингот до септември.
„Разговарав со Џозеф и неговиот тим. Тој ќе се бори повторно во септември“, рече Френк Ворен и додаде:
„Прво ќе видиме како ќе заврши реваншот меѓу Усик и Дубоа. ВБО соопшти дека победникот во таа борба ќе има обврска да се бори против нивниот предизвикувач. Паркер е привремен шампион, па затоа е во добра позиција. Може да почека и да се бори за четири појаси. Или ако победникот го ослободи појасот, тогаш ќе стане светски шампион“.
Паркер трпеливо чека можност и борба за титулата по импресивната серија победи од 2022 година кога загуби од Џо Џојс.
Во последните три настапи ги победи поранешниот шампион на ВБЦ и голем нокаутер Дионтеј Вајлдер, потоа Жилеј Жанг и Мартин Баколе, кој влезе како замена за Дубоа.



