Ова ќе биде крвопролевање. Ќе го соборам, ќе го заковам на подот и ќе го пратам на спиење. Ќе му ја завршам кариерата!

Минатиот четврток официјално беше потврдено дека Александар Усик, светски шампион во тешка категорија според верзиите на ВБА, ВБЦ и ВБО, ќе боксира со Даниел Дубоа, сопственикот на појасот на ИБФ, на 19 јули на стадионот Вембли, за обединување на сите титули во „тешка категорија“.

Откако беше објавено, комуникацискиот оган меѓу двајцата шампиони се засили, а го предводи 27-годишниот Британец, кој верува дека му е одземена победата во првиот меч со Украинецот и најавува голема одмазда во претстојниот реванш.

„Ќе излезам од овој меч со сите појаси, гладен сум и подготвен за тоа, овој пат ќе биде крвопролевање, ќе го урнам“, решителен е „Динамитот“ во интервју за Бокс нејшн и продолжи: „Среќен сум што ѕвездите се порамнија за мене. Сум на вистинското место во вистинско време, и сè е во времето. Подготвен сум да ја зграпчам оваа можност со моите раце. Ова е моментално најголемата можна боксерска борба, ова ќе биде мојата одмазда“.

Првата борба меѓу Усик и Дубоа беше одржана кон крајот на август 2023 година во Вроцлав, Полска, а украинскиот боксер славеше со нокаут во деветата рунда, со што ги одбрани појасите на ВБА, ВБО и ИБФ.

Меѓутоа, мечот беше обележан и со контроверзен момент во петтата рунда, кога „Динамитот“ му зададе удар во телото на Усик, по што падна на подот и помина некое време таму, додека не се опорави. Судијата, сепак, го окарактеризира ударот како премногу низок, а со тоа и нелегален, па немаше броење, но на Украинецот му беше дадено доволно време да се опорави и да се врати во мечот. Дубоа и неговиот тим се жалеа по мечот дека се оштетени – но залудно.

Актуелниот шампион на ИБФ цврсто верува дека борбата требало да се прекине и дека тој требало да излезе како победник, и ветува дека на 19 јули ќе се погрижи 38-годишниот Украинец да не стане по неговите удари.

„Ја гледав таа борба повторно, дефинитивно требаше да биде завршена работа, но тоа е политичко прашање поради војната и сè друго. Овој пат нема да оставам простор за никаков друг исход, ќе го приковам за платното и ќе го пратам да спие, овој пат нема да се извлече. Ќе бидам десет пати подобар отколку во борбата со Ентони Џошуа, ќе го видите подобар“, рече меѓу другото Дубоа и заклучи: „Ова ќе биде крај на неговата кариера, фокусиран сум и 100 проценти подготвен“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON