Џервонта Дејвис на почетокот на март ја одбрани титулата во лесна категорија на ВБА. Танк се бореше со Ламонт Роуч помладиот во Баркли центарот во Њујорк, а нивната борба заврши нерешено.
По борбата, имаше многу дебати околу тоа што се случи во деветата рунда кога Дејвис клекна и отиде во својот агол за да му ја избришат маснотијата од косата во очите.
Судијата Стив Вилис пресуди дека не станува збор за нокдаун и не го зеде предвид потегот на Танк. Сепак, боксерската јавност, а особено навивачите на Роуч, беа убедени дека судијата направил грешка.
Доколку судијата броеше, Дејвис ќе заостануваше на поени и ќе ја изгубеше борбата. Спортската комисија на Њујорк спроведе истрага и го потврди исходот од борбата.
И двајцата боксери изразија интерес за нова борба, а нивните тимови започнаа преговори, и се чинеше дека разговорите водат до нова пресметка на 21 јуни.
Реномираниот боксерски новинар Ден Рафаел откри во објава на социјалните мрежи дека разговорите се прекинати и се бара нов датум.
„Премиер бокс шампионс“ ја разгледува можноста за организирање на борбата за јули или август, најверојатно во „Т-Мобајл арената“ во Лас Вегас.
„Џервонта беше одличен таа вечер, но неговиот противник беше уште подобар, нема многу изговори. Тој беше во рингот со друг голем борец“, рече таткото на Ламонт, Роуч постариот и продолжи:
„Тоа е голема борба за двајцата. Реваншот мора да се случи. Знам дека Џервонта го сака тоа, а и ние навистина го сакаме. Почекајте малку, верувам дека нешто ќе се случи наскоро. Откако Ламонт ќе стигне до тоа ниво и ќе се бори со големи борци како Џервонта, тогаш сака да остане таму. Ламонт сака само големи борби“.