Дваесетгодишниот Мозес Итаума според многумина е најголемата претстојна надеж во тешка категорија, кој во последните две години забрзано се искачува на сите рангирања на боксерските организации.
Непоразениот британски борец досега во својата професионална кариера има добиено 11 борби, од кои девет со нокаут во првата (7) или втората (2) рунда.
Во последениот меч во декември минатата година, Итаума во првата рунда со технички нокаут го победи Австралиецот Демси МекКин.
Младиот тешкаш неодамна истакна дека со заминувањето на врвните тешкаши, дивизијата ќе остане исклучително конкурентна и се надева дека еден ден ќе добие можност да го симне од тронот сонародникот Даниел Дубоа.
А Дубоа, кој има три победи против големите боксери (Милер, Хрговиќ и Џошуа), минатиот викенд требаше да го брани шампионскиот појас на ИБФ во тешка категорија против Џозеф Паркер, но го откажа настанот поради болест.
„Тешка категорија отсекогаш имала одлични борци, но кога ќе заминат Усик, Фјури и Џошуа, не гледам многу таленти кои би можеле да ги заменат. Има неколку момци кои штотуку учат“, изјави Мозес Итаума и ги откри размислувањата за евентуален дуел со Дубоа:
„Го почитувам Даниел. Тој е многу добар борец и зад себе има одлична кариера. Но, кога еден ден двајцата ќе се сретнеме во рингот, приказната ќе има поинаков крај. И тоа е само прашање на време“.