„Го сакам Френсис, но боксерскиот ринг не е за него. Џошуа веднаш го нападна бидејќи знаеше дека не му може ништо“

Френсис Нгану останува енигма во светот на боксот и покрај неговиот професионален скор 0-2. Поранешниот шампион на УФЦ во тешка категорија потврди дека следниот пат ќе се врати во рингот наместо во кафезот, оставајќи го настрана ММА по успешното деби во ПФЛ.

Едно име кое Нгану често го споменува како потенцијален противник е поранешниот шампион Дионтеј Вајлдер. Судирот меѓу двајца од најразорни удирачи во историјата на боречките спортови звучи спектакуларно на хартија, но Даниел Кормиер не е сигурен дека тоа е најдобрата одлука за Нгану, особено по неговиот брутален пораз со нокаут од Ентони Џошуа.

„Имаше луѓе кои веруваа дека Френсис ќе го победи Џошуа“, рече Кормиер на својот канал на Јутјуб. „Го сакам Френсис, но морам да бидам искрен – Џошуа беше толку сигурен дека Нгану не му претставува закана што го нападна уште од самиот почеток, а инаку е еден од најпасивните боксери меѓу тешкашите. Тој не чувствуваше никаква опасност поради недостатокот на боксерско искуство на Френсис“.

Нгану, без оглед на ризикот, гледа уште една огромна финансиска можност. Вајлдер исто така е во пад, со скор од 1-4 во последните пет борби, а борбата против него може да биде исплатлива и за двајцата.

„Луѓето не го повредуваат Френсис Нгану, но кога тоа му се случи против Џошуа, изгледаше изгубено“, нагласи Кормиер. „И тоа ме загрижува. Затоа што знам дека ќе има моменти во борбата со Вајлдер, со оглед на начинот на кој тој задава удари, кога Френсис ќе мора да најде безбедно засолниште“.

Вајлдер не е технички боксер, но неговиот хаотичен стил, непредвидливите агли и застрашувачката сила често се доволни за да ги успие противниците. Кормиер, кој беше во олимпискиот тим со Вајлдер, верува дека токму оваа непредвидливост го прави Вајлдер поопасен противник за Нгану од Џошуа.

„Отсекогаш мислев дека најопасната борба за Френсис е Дионтеј Вајлдер“, рече тој. Вајлдер е послободен во пристапот, помалку технички, но има неверојатна моќ со која ги заспива луѓето“.

Финансискиот аспект, сепак, игра клучна улога во оваа приказна. Нгану веќе заработи неверојатни суми на своите први боксерски мечеви и повторно е на ред за вносен договор, особено ако борбата заврши во Саудиска Арабија, која стана нов центар на елитниот бокс.

„Знаеш што ми кажува ова? Дека има многу повеќе пари во боксот“, заклучи Кормиер. „Бројките што ги слушнавме за Френсис кога боксираше против Фјури беа луди. Потоа против Џошуа. Луѓето го поминуваат целиот свој живот во бокс надевајќи се на една таква борба, а „Големиот Френк“ доби две по ред“.

Сепак, останува прашањето – дали вреди Нгану да ризикува уште еден тежок пораз, особено против удирач како Вајлдер? Времето ќе покаже дали неговото враќање во рингот во 2025 година ќе биде исплатлива одлука или погрешен потег со сериозни последици.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON