Френк Ворен: Невозможно е Усик да се врати во полутешка категорија кога е пред него најпрофитабилната борба во кариерата

Александар Усик го победи Тајсон Фјури двапати минатата година. Украинецот го победи Џипси Кинг во мечот за апсолутен светски шампион во средината на мај, а потоа и во реваншот на крајот на годината за појасите на ВБЦ, ВБО и ВБА.

Усик ја ослободи титулата на ИБФ, која му припадна на Даниел Дубоа, по неговата прва победа. Британецот во септември со брутален нокаут го победи сонародникот Ентони Џошуа.

Непоразениот украински боксер не ја криеше желбата да се врати во полутешка категорија за уште еднаш да се обиде да ги обедини титулите во таа дивизија.

Но, боксерскиот промотор Френк Ворен верува дека Усик нема да се врати во полутешка категорија, туку наместо тоа ќе го чека победникот во борбата за титулата на ИБФ меѓу шампионот Даниел Дубоа и Џозеф Паркер.

Френк Ворен верува дека Даниел Дубоа, а не Александар Усик, ќе биде неприкосновен светски шампион во тешка категорија до крајот на оваа година.

„Усик нема да ја напушти тешката категорија. Гледате колку е голем, тоа е невозможно“, изјави Френк Ворен за Скај спорт.

Украинецот не боксирал во полутешка категорија од 2018 година, а сега е добро етаблиран во тешка категорија. Во последните пет борби секогаш тежел околу сто килограми.

„Само треба да ја погледнете неговата големина, тоа нема да се случи. А за Усик тоа е најпрофитабилната борба. Ќе биде голем меч“, истакнува Ворен, кој очекува Украинецот да боксира против подобриот борец од мечот Дубоа – Паркер.

Промоторот на Дубоа верува дека неговиот борец ќе биде следниот предизвикувач на Усик, без разлика на добрата форма на Паркер.

„Даниел ќе биде полн со самодоверба по тој меч. Верувам во него, затоа сме таму каде што сме. Но, се може да се случи кога станува збор за овие големи момци и тие секогаш удираат силно“, рече Френк Ворен и подвлече:

„Паркер не е почетник. И претходно бил во слични ситуации, поранешен светски шампион е. Моментално е во игра. Во борбата против Жилеј Жанг покажа храброст. Два пати беше соборен, но стисна заби, се врати и победи“.

Усик и Дубоа се бореа во 2023 година, при што Украинецот победи со нокаут во деветата рунда. Во петтата рунда Даниел го удри шампионот под појасот, а мечот за момент беше прекинат.

Украинскиот борец доби неколку минути да се опорави, а потоа продолжи и го заврши Британецот. Ворен и денеска е убеден дека Даниел требало да го добие тој дуел.

„Искрено, сè уште верувам дека Дубоа ќе го победеше Усик, кој судијата му додели четири минути пауза. А Даниел би скокнал на него и би го запрел“, рече Френк Ворен и подвлече:

„Дали тоа беше низок удар? Не, тоа не беше низок удар, иако некои мислат поинаку. Но, најважно од се се оние четири минути кога Усик сакаше да продолжи, но судијата почувствува дека му треба повеќе време да се опорави“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО