Поранешниот светски шампион Тајсон Фјури се надева дека ќе го победи Aлександaр Усик во нивниот реванш во Ријад оваа сабота и со тоа ќе му се одмазди за единствениот пораз во кариерата.
Украинецот ја брани светската титула во тешка категорија на ВБА (Супер), ВБО и ВБЦ во реваншот на 21 декември против Кралот на Ромите.
Нивната борба пред седум месеци заврши со триумф на Усик, а особено за паметење е деветата рунда кога британскиот борец заврши во нокдаун.
Фјури призна дека премногу опуштено влегол во борбата, и си поигра со Усик, кој трпеливо чекаше прилики и умешно ги искористи во вториот дел од натпреварот.
Борецот од Моркам вели дека максимално сериозно ги сфатил подготовките и реваншот и не сака ништо да препушта на случајноста и планира мечот да го заврши пред последниот удар во гонгот.
„Мојот план е да го нокаутирам копилето, да го исфрлам од рингот. Минатиот пат направив се одлично, но не победив. Тоа беше тесна борба. Овој пат ќе бидам поинаков борец“, изјави Тајсон Фјури, потоа продолжи:
„Минатиот пат бев на 40, а сега сум на 110 проценти. Нема повеќе изговори, во сабота во рингот ќе влезе вистинскиот Тајсон Фјури. И ќе го нокаутирам Усик, знам дека ќе го направам. Кога ќе нападне, ќе го уништам. Продолжувам да се докажувам. И сега сум тука да приредам шоу и да си го вратам сето она што сум го изгубил“.