Поранешниот двократен светски шампион во тешка категорија Ентони Џошуа не се сомнева дека Александар Усик во реваншот повторно ќе го совлада Тајсон Фјури, кој ќе се одржи на 21 декември во Ријад.
Британецот верува дека првиот неприкосновен шампион на светот во тешка категорија во ерата на четири појаси ќе го повтори успехот од мај, кога со поделена одлука го победи Џипси Кинг.
Имено, Еј Џеј многу добро знае какви се можностите на Усик, бидејќи двапати загуби од Украинецот, а во текот на кариерата никогаш не се соочи со Фјури.
„Ќе биде тешка борба на почетокот, а Усик ќе биде трпелив и чувствувам дека повторно ќе го надмине Фјури“, изјави Ентони Џошуа и додаде:
„Усик е врвен техничар и еден од најдобрите боксери на денешницата. Затоа верувам дека ќе победи и во реваншот“.
А Фјури најави дека доколку го победи Усик, тогаш ќе побара уште еден меч за да дознае кој од двајцата е најдобар тешкаш од оваа генерација.
Но, една друга борба е многу актуелна и често се споменува, а тоа е борбата меѓу Фјури и Џошуа.
Промоторот Еди Херн веќе неколку пати повтори дека следната година би организирал борба меѓу двајцата големи британски тешкаши.