Легендарниот поранешен светски шампион во осум тежински категории, Филипинецот Мани Пакијао (45) и ѕвездата на поранешниот шампион во две категории на УФЦ, Конор Мек Грегор од Ирска (36), би можеле да се борат летото 2025 година во Москва, Русија.
Според каналот Меш Телегарм, ваква борба би можела да биде водечка на една од боксерските вечери кои ќе се одржат во рамките на турнирите на ИБА Најт оф чемпионс. Во моментов се преговара со двете страни околу организацијата на оваа борба која најверојатно ќе има статус на демонстративна.
Потсетуваме дека Мек Грегор својата последна официјална борба во ММА ја одржа во јули 2021 година, кога беше поразен со технички нокаут од Дастин Пориер поради сериозна скршеница на ногата што не му дозволи да ја продолжи борбата по првата рунда.
Последната професионална борба Пакијао ја водеше во август 2021 година и беше поразен со едногласна одлука од Кубанецот Јорданис Угас. За борбата меѓу двајцата се шпекулира со години, но таква не сме виделе.
Конор е под договор со УФЦ и не може да учествува во професионална борба без нивна согласност. За шоу, веројатно нема да му прават проблем. Останува да видиме дали оваа идеја ќе се оствари.