Во врска со инцидентот што се случи пред една недела со најдобриот македонски кикбоксер Бобан Илиоски, кога имаше физичка пресметка и беше каменувана неговата куќа, се огласи светскиот шампион
„Во врска со инцидентот кој овие денови кружеше на социјалните мрежи, чувствувам должност и обврска да се обратам на сите кои ме поддржуваат во моето патешествие како спортист и како личност.
Постојат многу верзии од случката, но вистината ќе излезе на виделина по расчистувањето на случајот. И, до тогаш не коментирам за ништо во врска со тоа, сè додека надлежните органи не дозволат да дадам изјава во врска со истото“, вели Илиоски и додава:
„Сакам да напомнам дека немав намера да го оцрнам образот на моите тренери, мојот клуб, мојата држава и титулите кои ги носам, а најмалку од се сакав да бидам во ситуација каква што бев.
Без разлика за тоа што сум обвинет (за нешто што не сум го направил), верувам дека правдата ќе излезе на виделина и секој ќе одговара за своите постапки.
Моментално се спремам за мојот следен предизвик, и ви благодарам за целата поддршка до сега“.
Да потсетиме, пред една недела беше објавено дека била каменувана куќата на најдобриот македонски кикбоксер, Бобан Илиоски. Според информациите од полицијата, инцидентот се случил, откако Илиоски физички се пресметал со едно лице кое претходно нападнало член од неговото семејство.
Како што истакнаа од МВР, се започнало околу 22:20 часот кога Илиоски со уште едно лице физички го нападнале 28-годишниот Е.Л. од Скопје.
„Лицето Е.Л. со поголема група на луѓе отишле пред домот на Б.И. и фрлале тврди предмети кон него и неговото семејство“, истакнаа тогаш од полицијата.
Со повреди се здобиле В.И., Д.Н. и Е.Л., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
Од полицијата информираа дека увид бил извршен и се преземале мерки за расчистување на случајот.