Олимписки дух: Британци го спасија узбекистанскиот боксерски тренер

Двајца членови на британскиот медицински персонал станаа олимписки херои откако помогнаа да го спасат животот на селекторот на боксерската репрезентација на Узбекистан.

Тулкин Киличев славеше златен медал за својот боксер Хасанбој Дусматов во просторот за загревање на Ролан Гарос кога доживеа срцев удар. За среќа, британскиот боксерски лекар Харж Синг и физиотерапевтот Роби Лилис исто така беа во зоната за загревање и притрчаа на помош, правејќи му масажа на срцето и употребувајќи дефибрилатор.

Лилис изјави за новинската агенција ПА: „Тренерскиот тим на Узбекистан се врати во зоната за загревање и сите славеа, а потоа имаше извици од таа област кои звучеа вознемирувачки. Кога пристигнав околу 30 секунди по Харж, тој веќе започна со масажа на срцето на тренерот. Многу тренери беа видно вознемирени поради целата ситуација, па ни требаше малку време да ги тргнеме сите од патот“.

„Најпрво беше во несвест, но околу 20 до 30 секунди подоцна, откако Харж продолжи да му дава масажа на срцето, одеднаш се освести, што беше одлично“, додаде Лилис.

Синг и Лилис потоа биле заменети со лекарска екипа која пристигнала неколку минути подоцна, а Киличев бил пренесен во болница, каде се наведува дека е во стабилна состојба.

„Се надеваме дека целосно ќе закрепне. Брзината е суштината на сето тоа. Многу, многу сум благодарен што ја имавме целата опрема. Јас и Харж бевме таму и трениравме. Дефинитивно тоа не е моја секојдневна работа и не би сакала постојано да ја работам, но, за среќа, откако ја поминав обуката успеав да ја применам на дело“, додаде Лилис.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО