ВБЦ нареди реванш меч меѓу Вајлдер и Фјури

Крај на шпекулации за следниот најдолгоочекуван дуел во боксот во тешка категорија вопрофесионалниот бокс. Светскиот боксерски совет (ВБЦ) официјално нареди реванш меч меѓу шампионот Дионтеј Вајлдер и предизвикувачот Тајсон Фјури, со што се исклучува варијанта некој од двајцата да се сретне со Ентони Џошуа на 13 април.

За сите фанови на боречките спортови беше јасно дека по контроверзниот нерешен резултат меѓу Фјури и Вајлдер на 2 декември минатата година, реваншот е неизбежен. Сепак, сега со одлуката ВБЦ ја поддржува идјата тој да биде моментален и двајцата да не одржуваат други борби пред нивниот дуел.

Промоторот на Фјури Френк Ворен неодамна ја објави намерата реваншот да се одржи пред јуни оваа година, а дестинацијата веројатно повторно ќе бидат САД, но не Калифорнија. Исто така двајцата боксери се уште не се договориле за распределбата на финансиските приходи од средбата која со љубопитност ја чекаат боксерските фанови, но не би требало многу да губат време во преговори.

По Правилникот на ВБЦ двајцата треба да стигнат до договор за реваншот до 5 февруари, а инаку приходите ќе бидат поделени 60-40 во корист на шампионот Вајлдер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО