Каратистот, кој дефинитивно го сврте вниманието на македонската и светската јавност во 2015 година е Симон Антиќ од КК Макпетрол од Скопје. Успешната сезона ја најави со победата над најдобриот каратист за јуниори до 21 година кај нас и најдобар во Карате 1 Премиер лигата, на Плеј-оф натпреварот во Скопје, Берат Јакупи. Но не застана тука. На првиот турнит од Премиер лигата во Париз, Франција, извојува три победи, а веќе на наредниот турнир во Алмере, Холандија, го освои бронзениот медал. Има убедливо најдобар настап од репрезентативците на Македонија.
Симон Антиќ на досегашните настапи на првенства, домашни и меѓународни, и силни турнири, како член на Макпетрол, има 9 златни, 11 сребрени и 13 бронзени медали. Во екипна конкуренција резултатот е: 0-6-4 медали. Или, имал 131 борба-73 победи, 31 пораз и 8 нерешени борби, при што освоил 199 поени, а загубил 101.
Во првенствата на Македонија билансот на медали е: 4-2-4, а на силните меѓународни турнири 4-2-4.
Твоите резултати на давата трунира на Премиер лигата го свртеа вниманието на јавноста. Во пресрет на Балканското првенство кое е вовед во Европското сениорско првенство во Турција, каков пласман очекуваш?
-Во оваа 2015 година стартував со одлични резултати, од Државното, па потоа „бергерот“ и пред неколку дена да освојам бронзен медал на престижната Карате 1 Премиер лига во Алмере, Холандија, како и добрите борби што ги прикажав на првиот турнир за оваа година во Премиер лигата во Париз. Задоволен сум од тоа како ја започнав оваа сезона, иако може и подобро. Ќе дадам се од себе и на претстојното Балканско првенство, кое викендов ќе се одржи во Чачак, а потоа се надевам и на Европското првенство во март, што ќе се оджи во Турција.
На последниот турнир во Алмере го освои третото место, а во Париз извојува три победи. Претходнои на Државното првенство загуби во финалето од Берат Јакупи со судиско изјаснување, потоа на изборното го победи. Дали ова значи дека оваа година ќе си ја зацврстиш позицијата во репрезентацијата во категоријата до 84 килограми? И, колку ривалството со Јакупи, кој исто така е квалитетн каратист, влијае на твоите резултати и форма?
-Во категоријата во која настапувам, до 84 килограми, во моментов сум со највисоко бодовно салдо. Се надевам дека така и ќе остане, бидејќи ќе бидам на листата за учевство на Еропското првенство, со можност за влез и на Европските игри во Баку, Азербејџан.
Во моментов во оваа категорија фаворити сме јас и Јакупи, со кого многу добро се познаваме и многу пати сме биле на исто татами. Двајцата сме долгогодишни натпреврувачи, стандарден дел од екипата во борби и сосема добро се согласуваме. Двајцата сме одлични борци. Соработуваме. Со секој наш дуел, нашиот квалитет се зголемува.
Можеме ли да очекуваме медал на Европското првенство и обезбедување место на Европските игри во Баку, Азербејџан?
-За Европското првнство сум подготвен. Не знам, со Господ напред, па ќе видиме.
Мината година ја менуваше категоријата, за оваа повторно да се вратиш во категоријата до 84 килогарми. Зошто го правеше тоа?
-Категориите во каратето се поделени тежински. Јас сум на некоја граница – 84 и +84 кг. Минатата година бев во повисоката или апсолутна, при што имав прилика да се сретнам со многу звучни имиња од карате спортот. Со некои од нив остварив победи, а од некои изгубив. Искуството е многу големо, знаете, колку повеќе борби и борци имате зад себе, вие сте побогати.
Која ти е силната а која слабата страна во настапите?
-Силна страна. Кога ќе ги поврзете техничката, физичката и психолошка подготвеност, со квалитетен тренер на едно високо ниво, резултатот е неизбежен. Треба многу работа и труд, секојдневени тренинзи, повеќе настапи, голем желба и веќе се чувствувате силни. Слабости секогаш има, но и тие се поправаат. Со тек на време се си доаѓа на место.
Која техника најмногу ја сакаш и ја работиш во борбите?
-Комбинирам повеке рачни техники, иако, како добар натпреварувач, треба да можете да направите поени со повеќе техники, ако едната не поминува преминувате на друга, зависи кој ви е противник и што тој работи. Едноставно, за да бидете најдобар, потребно е голема подготвеност и знаење.
Имаш ли идол во каратето и што би сакал да постигнеш како каратист?
-Како каратист би сакал да се закитам со европски, па и светски медал. Би сакал и олимписки медал, кога каратето ќе стане олимписки спорт. Нема крај на амбициите. Јас се уште сум млад. Има време.
Со што друго се занимаваш, а да не е поврзано со каратрето?
-Покрај каратето, обврски имам и со факултетот. Иако времето ми е ограничено, сакам да се дружам и забавувам, како и сите на моја возраст. Знам и да ја гушнам гитарата и да отсвирам нешто за моја душа.
Роден е во Скопје на 28.9 1993 година.Тој е студент на Факултетот за физичка култура во Скопје. Прв пат на татамито стапнува на шест годишна возраст. Првиот негов клуб е Јошитака од Скопје, каде што ги совладал основите на каратето. На почетокот од својата кариера работи кати, а првиот медал го освојува со неполни седум години во Унгарија. Оттогаш до денес има повеќе од 300 настапи на натпреварувања, со многу освоени медали. Со 13-14 години почнува да се натпреварува и во борби, притоа преминува во КК Макпетрол, каде што е и денес.
Позначајни резултати му се: помлад кадет во кати поединечно едно злато и две сребра-на Балкански првенства; јуниорска конкуренција во кумите прво место на Златната лига-Милано, постар јуниор – 5-то место на Европското првенство во Баку 2012 ; постари јуниори – две сребрени и еден бронзен медал на Гранд при Кроација опен; сениорска конкуренција –бронза Светски куп во Атина 2013.
За овој дел од кариерата со гордост вели: „Посебно ја вреднувам победата над Рафаел Агаев (повеќекратен светски и европски шампион) на Европското првенство –Будимпшта 2013, во екипна конкуренција. Со постигнатите резултати сум и повеќе годишен репрезентативец на Македонија“.
ipon.mk/В. Донев