АктуелноЏудо

Бронза за Лилјана Недановска на Балканското џудо првенство

Јуниорката Лилјана Недановска освои трето место на Балканското првенство во џудо за јуниори, кое се одржа во Едрене, Турција.

„Со огромна посветеност, труд и срце на татамите, Лилјана уште еднаш покажа дека македонското џудо има светла иднина“, велат од Џудо федерацијата на Македонија!

Покрај Недановска, на Балканското првенство во Турција боите на Македонија ги бранеа и Анамарија Стојмиловска, Ѓеорѓина Блажевска, Лилјана Недановска, Сергеј Димитриоски, Игнат Петров, Никола Магдевски, Михаил Стојановски и Владимир Милчиноски. Ива Богдановска, која беше планирана во составот, не допатува на шампионатот поради повреда.

Репрезентацијата беше предводена од тренерот Игор Паскоски, кој го замени селекторот на јуниорската репрезентација Александар Фузевски, кој не можеше да дојде на ова натпреварување во Турција. Дополнително, дел од македонскиот состав беше и судијата Сашо Димовски, кој беше судија на оваа Балканијада.

„И покрај неуспешниот настап на Европскиот куп за јуниори во Скопје, македонската џудистка Лилјана Недановска продолжи со настапи на меѓународна сцена, тоа беше учество на Балканското првенство во Турција изминатиот викенд. Во првото коло, Недановска во категоријата до 57 кг почна со неуспешен настап, односно се сретна со најсилната џудистка од Молдавија, Дутка Татијана, која го освои златниот медал. Во првата репасажна борба Недановска блесна и славеше над џудистката од Турција, Бујук Сена Нур. Во втората репасажна борба Недановска доминантнo победи против претставничката на Црна Гора, Нина Јовановиќ.

Во борбата за бронзен медал Недановска беше поуспешна и славеше над Романката Јасмина Томеску и повеќе од заслужено го освои бронзениот медал. Недановска е неуморна спортистка, работник и пример за еден професионалец што го сака спортот и пример за тоа како треба да изгледа една спортистка. Јас како селектор и нејзин тренер ѝ посакувам во иднина уште поголеми успеси и од поголеми натпревари, како што се европски и светски првенства и настап на олимпијада, која е сон за секој спортист“, изјави селекторот на јуниорската репрезентација на Македонија, Александар Фузевски.

 

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON