Изминатиов викенд во Скопје се одржа третото издание на Големиот балкански карате до семинар после неколкугодишна пауза поради пандемијата со коронавирусот. Домаќин беше Карате центар „Пејов“ и неговиот прв човек сенсеи Зоран Пејов.
Семинарот го предводеше веќе познатиот инструкторски тим – сенсеи Зоран Пејов, сенсеи Милан Ѓокиќ и сенсеи Тони Петров.
Сенсеи Пејов изразува задоволство од она што се случуваше на семинарот.
„Семинарот се одвиваше во прекрасна атмосфера, сите учесници одговорија на предизвикот. Инструкторите беа на висина на задачата и сите беа воодушевени од нивната демонстрација и објаснување“, вели Пејов и додава:
„Беа демонстрирани врвни техники за сите категории на учесници на семинарот. Се работеа техники од кихон, ката, кумите и реална борба (самоодбрана). Беа покажани и неколку тајни од изворното карате до, а исто така имаше и стручна, научна анализа на секоја техника. Беа потенцирани основните постулати на карате до“.
Пејов нагласува дека било искажано и негувањето на вештината како чиста, изворно презентирана од Фунакоши Гичин (таткото на карате до).
„Уште еднаш овој семинар покажа дека заедно можеме повеќе и дека карате до зближува и води напред, а токму тоа е една од идеите – размена на енергијата, хуманоста, човецноста, сето тоа низ призмата на почитта, уважувањето меѓусебе и создавање на подобар свет во целина“, вели Пејов и нагласува:
„Негувајте ја вештината Карате до и останете на патот“.