Пресметката меѓу поранешните светски шампиони Ентони Џошуа и Дионтеј Вајлдер беше најавена за март следната година, но по поразот на Бронзениот бомбардер од Џозеф Паркер минатиот викенд на настанот во Ријад, тој меч е доведен во прашање.
Промоторот Еди Херн по победата на Еј Џеј против Ото Валин изјави дека Џошуа би можел да го има следниот меч против хрватскиот тешкаш Филип Хрговиќ за титулата светски шампион во ИБФ.
Имено, ВБЦ шампионот Тајсон Фјури и Александар Усик, кој ги носи титулите ВБА, ВБО, ИБФ и ИБО, на 17 февруари ќе боксираат во борба за апсолутен шампион во тешка категорија, а доколку се договорат за реванш, ИБФ објави дека ќе му го одземе појасот на победникот.
Свое место во борбата за светската титула тогаш би имал Хрговиќ, а неговиот противник би се барал во рангирањето на ИБФ, а првиот е – Ентони Џошуа.
За мечот против Еј Џеј интерес покажа Кинезот Жилеј Жанг, привремен шампион на ВБО, кој изјави дека сака да се одмазди за поразот во 2012 година на Олимписките игри во Лондон.
„На Олимписките игри пред 11 години загубив од подобар боксер. Среќен сум што двајцата имаме успешни кариери. Сега е време да го направиме тоа за боксот. Да им подариме на навивачите ширум светот вистински меч“, порача Жилеј Жанг преку социјалните мрежи.