Македонската репрезентација во борење ги заврши подготовките во Самоков, Бугарија. Таму се подготвуваше Дејан Митров, заедно со спаринг партнерот Јасин Реџелари. Заради зафатеност на работното место, иако беше планиран, на подготовките во Самоков не замина Бобан Данов.
Во Махачкала се подготвуваа двајцата натурализирни Македонци, Лабазан Аскербиев и Мохамедгаџи Нуров.
„Подготовките во Самоков беа успешно завршени. Митров имаше повеќе контролни борби со борачи од Бугарија, Швајцарија, Албанија Германија, Шпанија, кои исто така се подготвуваа во Самоков. Ја темпиравме неговата форма за квалификациониот турнир за ЛОИ во Рио, во Зрењанин, Србија, од 15-18 април. Митров ги „исчисти“ килограмите и сега нема никакви проблеми со нив. Нема повреда. Се е во најдобар ред. Митров е подготвен за силниот турнир. Само треба на душекот да ги потврди своите квалитети“, изјави тренерот Лулзим Вренези.
Кои македонски борачи ќе учествуваат на првиот квалификационен турнир во Зрењанин?
„Познати се имињата. Мислам треба да му се даде последна шанса на Бобан Данов, кој веќе 15 години дава придонес за македонското борење. Во категоријата до 65 кг ќе настапи Дејан Митров, до 57 кг Аскербиев, 96 кг Нуров и 125- Данов. По двајца најдобри борачи од секоја категорија во Зрењанин ќе обезбедат учество на ЛОИ во Рио“, додаде Вренези.
Дали невозможната мисија може да биде успешна, останува да се види.
Ipon.mk/К. М.