Врачени наградите „8 Септември“ на петмина спортски работници

99

Во Собранието на Македонија вчера по повод Денот на независноста беа врачени традиционалните награди „8 Септември“ со кои им се оддава признание на спортисти, тренери и спорски работници за остварувања во областа на спортот.

Наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот и афирмација на спортот годинава му беше врачена на Љуљзим Вренези, долгогодишен натпреварувач во борење, кој сега работи како тренер. Активно се натпреварувал 28 години, а најдоброто освоено место како борач му е четвртото место.

„Ова е најголемата награда што сум ја добил во мојот живот. Им се заблагодарувам на сите колеги и на семејството кои се дел од оваа награда. Се надевам дека ќе Ве израдуваме и со медал од Токио“, рече Вренези при примањето на наградата.

Покрај наградата за животно дело, беа врачени уште четири награди со кои им се оддава признание на Сократ Ефтимовски (борење), Бесник Мурати (карате), Ванчо Јовановски (ракомет) и Ѓорги Вучков (атлетика).

Од Агенцијата за млади и спорт најавија дека и во иднина ќе продолжи поддршката за сите спортски работници во земјава кои со своите успеси ја промовираат земјава во меѓународни рамки.

„Преку вашата улога во претставувањето и афирмирање на земјава во меѓународни рамки, сте придонесувате за јакнење на националната свест и за промоција на нашата држава во светот за што сите се гордееме. Да се понесе ова признание е верификација и потврда на вашиот труд, истакна заменик – директорот на Агенција за млади и спорт Гзменд Ристеми, додавајќи дека овој пример треба да го следат идните генерации.

Во една година можат да се доделат најмногу до пет награди, од кои една за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на земјава на меѓународен план.