Волкановски е позитивен на коронавирусот, неговата борба на УФЦ 260 е откажана

Александар Волкановски е позитивен на коронавирусот и неговата борба на 27 март на УФЦ 260 ќе биде откажана. Австралиецот со македонско потекло требаше да го брани шампионскиот појас во перолесна категорија против Брајан Ортега.

На истиот настан, Стипе Миочиќ го брани појасот на шампион во тешка категорија против предизвикувачот Френсис Нгану.

Волкановски рече дека бил тестиран за Ковид-19 пред да замине од Австралија, а наодот е негативен.

„Така сум скршен. Позитивен сум на Ковид-19 и мојата борба е одложена“, рече Александар Волкановски на својот Твитер и додаде:

„Тренирав многу напорно и се подготвував за таа борба. Апсолутно сум разочаран од она што се случи. Ги следевме упатствата и ги преземавме сите мерки на претпазливост за да не се заразиме, тоа не требаше да се случи“.

Волкановски (22-1) е шампион во перолесна категорија откако го победи Макс Холовеј на УФЦ 245 во декември 2019 година, а беше подобар од него и во реваншот на УФЦ 251 во јули 2020 година.

На УФЦ 260, Тајрон Вудли ќе се бори против Висенте Луке, а Шон О’Мели ќе се натпреварува со Томас Алмеида. Главната програма се отвора со пресметката во лесна категорија меѓу Џејми Муларки и Хејм Ворти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON