„Во живо ме поздравува, а преку интернет ме повикува на борба. Топурија никогаш нема да биде на нивото на Мек Грегор“
Новиот апсолутен светски шампион во супер средна категорија мисли дека шампионот на UFC има евтини трикови

По неговата историска победа над Сол Алварез – Канело, Теренс Крафорд јасно стави до знаење дека не е заинтересиран за меч со шампионот на УФЦ Илија Топурија. Иако шпанско-грузискиот борец постојано повторуваше дека ќе го „нокаутира Крафорд во моментот кога ќе го допре“, американскиот боксерски великан тврди дека никогаш не го гледал како се бори Топурија.
„Искрено, никогаш не сум го гледал. Дури и не знаев кој е кога ми пријде и ме поздрави на настан на УФЦ. А потоа го гледам како зборува за тоа како ќе ме нокаутира во првата рунда. Ако сакаш борба, кажи ми го тоа в лице. Фактот дека пишуваш на интернет и глумиш – тоа е лажно“, изјави Крофорд за Анкраунед.
Дополнително, „Бад“ верува дека Топурија сака само да краде титули и да профитира на неговата слава.
„Секако дека би влегол во рингот за вистинска проверка. Но, тој не е ни блиску до нивото на Конор Мек Грегор. Никогаш не го споредувајте со него. Конор беше на врвот, овој човек е далеку подолу. Не го познавам, не сум го гледал и не гледам што би добил од таа борба. Дури не е ни во истата галаксија како Мејведер-Мек Грегор“, нагласи Крафорд.
За него нема сомнение: победата над Канело му донесе статус на главно лице во боксот и можност за најголемите хонорари во неговата кариера, или преку реванш со Мексиканецот или против други етаблирани имиња. Топурија, според него, едноставно не влегува во таа пресметка.
„Дали би заработил толку колку што заработувам со Канело? Секако дека не. Човекот нека си ја работи работата, му посакувам се најдобро во кариерата, но за мене тој не е тема“, заклучи Крафорд.



