На 13 и 14 ноември во Скопје ќе се одржи 45. Меѓународен боксерски турнир „Златен гонг“.
На „Златениот гонг“ своето учество го пријавија девет држави: Англија, Албанија, Велс, Косово, Србија, Црна Гора, Романија, Словенија и Македонија со 46 натпреварувачи. Се чека Босна и Херцеговина и Бугарија да дадат дефинитивен одговор за учеството.
Во составот на македонската репрезентација се: 49 кг Исак Сулејмани (Тернипе), 52 кг Идриз Бислими (Шкупи), 56 кг Јасин Лама (Шкупи), 69 кг Осман Демиров (Баргала) и 75 кг Гоце Јанески (Аперкат).
Меѓународниот традиционален турнир во бокс претставува едно од најголемите и најстарите натпреварувања во Европа. Од одржувањето на првиот „Златен гонг“ во 1969 година (во 1988 год. турнирот не се одржа), на неговиот ринг продефилираа најпознатите поранешни југословенски боксери, почнувајќи од Мате Парлов, првиот освојувач Звонко Вујин, па се до легендите на македонскиот бокс – Реџеп Реџеповски, Мухамед Алија, Азис Салиху, Аце Русевски, Вели Мумин, Примислав Димовски и една плејада одлични боксери и освојувачи на „Гонгот“ од светските велесили Куба, Русија, Бугарија, Србија, Италија и други.
Турнирот ќе се одржи во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“, а полуфиналните средби се закажани за петок во 16 часот, додека финалните се во сабота со почеток од 11 часот.
Ipon.mk/В.Д.