Владимир Кличко ја „крена“ температурата пред ри-мечот со Тајсон Фјури во јули, нарекувајќи го британскиот шампион „имбецил“.
Кличко и Фјури повторно ќе влезат во рингот во Манчестер на 9 јули.
Фјури повеќе пати предизвика контроверзи со своите изјави, а минатиот месец мораше да се извинува откако во видео-обраќање имаше хомофобни, сексистички и антисемитички коментари.
Кличко, кој загуби првпат по 11 години токму од Фјури во ноември минатата година во Германија вели дека тој требал да добие суспензија од боксот поради коментарите поради кои „звучел како Хитлер“.
„Бев шокиран од неговите изјави. Кога стигна до Евреите, тогаш навистна звучеше како Хитлер. Човекот е имбецил!“, изјави Украинецот.
40-годишниот Кличко вели дека тоа му дава поголем мотив да го победи и да врати дел од шампионските појаси.
„Не смееме да имаме таков шампион. Или ќе замолчи или ќе биде замолчен во рингот. Можеби само треба да биде суспендиран. Боксувам со противник кој не знае да си ја затвори устата“, додава Кличко