Украинецот Васил Ломаченко (14-2) со победа се врати во рингот по пауза од повеќе од десет месеци. Поранешниот светски првак требаше да го направи тоа порано, но по руската воена агресија отиде да ја брани својата татковина.
Украинскиот боксер со едногласна одлука го победи Џемаин Ортиз (16-1-1) во театарот Хулу во Њујорк.
Ломаченко со таа победа потврди дека е подготвен за потенцијална пресметка против Девин Хејни.
Васил, како и обично, тргна полека за добро да го проучи противникот. По еден незгоден удар Ломаченко заработи модринка под десното око.
Но, таа повреда не му пречеше да ја продолжи борбата за да стигне до нов триумф.
Во третата рунда Лома го засили темпото и неколку пати го погоди Ортиз, а еден удар го стресе.
Како што одминуваа рундите Ломаченко се обидуваше почесто да ја затвора дистанцата, па неговите удари стануваа се попрецизни.
На средина од мечот се чинеше дека Ортиз почнува да успорува, но повторно собра сили и одлично боксираше во седмата, осмата и деветата рунда.
Украинецот во тој период беше нешто неактивен, додека Ортиз собираше бодови и се чинеше дека може да поведе на три рунди пред крајот.
Но, тогаш Украинецот го подигнува темпото и ја врати контролата во мечот, тоа беше прв пат за Ортиз да боксира 12 рунди.
На крајот судиите бодуваа во корист на Ломаченко: 115-113, 116-112, 117-111.
Ломаченко и Хејни се сретнаа во рингот по борбата и вербално се договорија да се борат следната година.