Милиони навивачи со нетрпение чекаат нови информации за иднината на шампионот на УФЦ.
Дана Вајт сè уште не ги отпишал плановите што ги има за Хабиб Нурмагомедов. Претседателот на УФЦ на дружењето со медиумите откри дека се уште се надева дека ќе го види шампионот на УФЦ во акција во септември, кога треба да се одржи неговиот меч со Џnастин Гејџи.
Вајт верува дека мечот меѓу актуелниот и привремениот шампион сè уште не отпаднал, иако многумина шпекулираат дека тоа би можело да биде случај откако Хабиб неодамна го загуби татко му Абдулманап Нурмагомедов.
„Мислам дека тој меч сè уште не е отпишан. Чекам да се слушнеме. Но, сега нема да му пречам на Хабиб. Ќе му дозволам да тагува во мир и да направи се што мора да направи, а ќе разговараме кога тој ќе биде подготвен за тоа. Го контактирав тој ден … И оттогаш не сме селушнале“, рече Вајт на прес-конференцијата.
Хабиб во октагонот не сме го гледале од септември 2019 година кога го победи Дастин Пориер во Абу Даби. Негов следен противник треба да биде Џастин Гејџи кој својата шанса во мечот за појасот во лесна категорија ја избори совладувајќи го Тони Фергусон.
Иако сè уште ништо не е официјално потврдено, Нурмагомедов и Гејџи се во комбинациите за УФЦ 253 што ќе се одржи на 19 септември. Како локација предвидена за овој настан се споменува Абу Даби, но и тоа е информација која УФЦ допрва треба да ја потврди.