Дионтеј Вајлдер и Тајсон Фјури ја имаа една од големите трилогии во тешка категорија. А приказните еден за друг започнаа уште во 2016 година и сè уште не престануваат. Сепак, Вајлдер не го гледа тоа како проблем. Сè уште е убеден дека Фјури мамел во нивната втора борба со тоа што ги „натоварил“ ракавиците и затоа Бронзениот бомбардер не можел да го „зарие томахавкот“.
Tyson Fury predicts Deontay Wilder to be last man standing in WBC eliminator bouts pic.twitter.com/oUlzBN6cuS
— MED (@med_sports_tv) September 7, 2022
Вајлдер беше критикуван од бројни новинари дека ако бил толку убеден во мамењето на Фјури, требало само да се обрати до одговорните институции за да се занимаваат со случајот. Дионтеј одговори во негов типичен уметнички и убедлив стил.
„Посакувам да можам да застанам пред тие новинари и аналитичари и да ги грабнам за вратоврските“, започна Вајлдер и продолжи: „Да ги повлечам лице в лице, толку блиску што мојот здив да им го допре лицето и да им кажам: Зошто, по ѓаволите, би се жалел до институциите кога имам можност да ја ослободам сопствената енергија и да ги положам рацете врз него, со можност да се обидам да го убијам и да добијам милиони долари за тоа? Зошто морам да одам кај некого“?
Поранешниот шампион на ВБЦ, исто така, беше прашан дали би бил подготвен да прифати четврта борба со Фјури, можност што всушност ќе се случи во иднина. Фјури го држи појасот на ВБЦ, а доколку Вајлдер го победи Роберт Хелениус, ќе се соочи со Енди Руиз во последната елиминациска борба за шанса за титулата. Што значи дека ако Вајлдер ги добие следните две борби, Фјури или ќе мора да прифати одбрана од него или да го ослободи појасот.
„Кој е достапен и може да понуди цврста борба е добредојден“, рече Вајлдер. „Ме знаете, никогаш не сум бегал од ривалите. Јас сум тој што ги благословува луѓето со можности“.