Светскиот шампион на ВБЦ во тешка категорија Дионтеј Вајлдер (40-0, 39 KO) испратил понуда до шампионот на ВБА (супер), ВБО, ИБФ и ИБО, Ентони Џошуа (21-0, 20 KO), со која му гарантира хонорар од 50 милиони долари за обединувачимеч на титулите наесен.
Тоа е контрпонуда на предлогот на Еди Херн, промоторот на Џошуа, кој пред неколку недели испрати понуда за гарантиран хонорар од 12,5 милиони долари на Вајлдер.
Според информациите на Скај спорт, тренерот на Џошуа, Роб Мек Кракан и менаџерот Еди Херн добиле пораки директно од личниот адресар на „Бронзениот бомбардер“, а неговиот промотор Шели Финк последователно потврди дека е упатена понуда.
Вајлдер го направи предлогот и на Инстаграм, а Џошуа веднаш му одговори дека би прифатил, ако понудата е за 50 милиони фунти.
https://www.instagram.com/p/BiAcB1SHcZE/?utm_source=ig_embed
„Дионтеј Вајлдер и неговиот тим направија понуда до Еди Херн и Ентони Џошуа. Битката ќе се одржи на крајот на годината, во договорот нема да биде вклучена клаузула за реванш … Ги преземаме сите ризици … 50 милиони долари, односно 50 отсто од приходите на тој настан. Ако борбата стигне до приходи од 40 милиони долари, Џошуа ќе добие 50 милиони. Ако битката заработи 200 милиони, Џошуа ќе земе 100 милиони долари. Ентони Џошуа има гарантиран хонорар од 50 милиони долари.
Ајде да видиме кој навистина ја сака оваа битка. Се обидуваме да ја организираме најголемата борба на оваа генерација – токму тоа го сакаме. Не го потценуваме Џошуа. Му направивме неверојатно агресивен и фер предлог. Ако Ентони Џошуа сака да се бори со Дионтеј Вајлдер, тој мора да ја прифати оваа несекојдневна понуда“, изјави американскиот промотор Лу Дибела кој работи со Дионтеј Вајлдер и неговиот советник Ал Хејмен.