Утре олимписки шампион Шабан Трстена по трет пат ќе го доделува „Златниот олимписки Оскар“ на личности, институции и медиумски куќи кои ја следеле и помагале неговата богата спортска кариера. Настанот ќе се одржи во хотелот „Александар палас“ во Скопје со почеток 11 часот.
Добитници на „Оскарот“ се долгогодишниот спортски претседател на Сојуз на спортови на Скопје, Ѓорги Кузмановски, Мирослав Наумовски – долгогодишен спортски новинар и главен и одговорен уредник на првиот спорстки неделник „СКОК“, Мигена Харачи од спортската редакција на МТВ 2 на албански јазик, спортскиот новинар Антон Серечи и почесниот претседател на Федерацијата за боречки спортови на Македонија, Ванчо Чифлиганец.
Трстена е најмлад шампион во историјата на олимпизмот со 19 години, а тоа се случи на ОИ во Лос Анџелес 1984 година. Титула на која се гордее и тој, а и ние, бидејќи по 122 години олимпизам и ден-денес е сопственик на рекордот – најмлад освојувач на златен олимписки медал. На Олимпијада во Сеул 1988 година го освои го сребрениот медал. Во неговата кариера два пати е прогласен најдобар борач во Светот и Европа, и тоа во олимписките години 1984 и 1988.
Шабан Трстена е прогласен и Спортист на 20 век во Македонија, седум пати беше прогласен за најдобар спортист на Македонија и 10 пати најдобар спортист на град Скопје. Во олимиската 1984 година е прогласен и за најдобар спортист во Југославија. Освен олимписката титула, освоил и осум медали на европските првенства, два на светските, три медала на балканските првенства и три пати бил шампион на Медитеранските игри.