Усик: Ранетите соборци ме мотивираа да се вратам во рингот

Украинскиот боксер Александр Усик ќе го брани шампионските појаси во тешка категорија на ВБА, ИБФ и ВБО против Ентони Џошуа на 20 август во Саудиска Арабија.

Но, Усик, како и многу Украинци, веднаш се вклучи во одбраната на својата татковина по руската воена агресија.

Во едно од последните интервјуа изјави дека ранетите другари го мотивирале да се врати во рингот.

„Бев во болница каде лежеа ранетите другари и сите ми велеа да се вратам во рингот да се борам за Украина, за нашата гордост. Ми рекоа дека на овој начин можам повеќе да и помогнам на мојата земја отколку на бојното поле“, рече Александр Усик и продолжи:

„Навистина не сакав да ја напуштам Украина и мојот град, многу луѓе кои ми се блиски моментално се мачат. Но, на овој начин сакам да ги поддржам и да им донесам малку радост“.

Украинецот е олимписки шампион од Лондон во категоријата до 91 килограм. Непоразениот Александар во кариерата извојува 19 победи, од кои 13 со нокаут.

Пред три години, како светски шампион во полутешка категорија, се пресели во тешка категорија, каде ги победи Чез Витерспун, Дерек Чисора и минатиот септември Ентони Џошуа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON