Александар Усик не престанува да размислува за своите сограѓани во Украина кои се во војна со Русија.
Светскиот шампион во тешка категорија на ВБА Супер, ВБО, ИБФ и ИБО во професионален бокс објави на социјалните мрежи создавање на добротворна фондација за помош на татковинаta.
„Фондацијата Усик е добротворен фонд основан за да и помогне на украинската армија и на украинскиот народ погоден од руската агресија. Денес нашите војници храбро се борат за нашата слобода и демократија, жртвувајќи го своето здравје, а понекогаш и животот. Како резултат на оваа војна, илјадници Украинци ги загубија своите најблиски, многумина останаа без покрив над главата, без работа и основни потреби. Затоа, наша задача е да обезбедиме насочена помош на оние на кои им е најпотребна во ова тешко време“, напиша Усик на својот Инстаграм профил, додавајќи и видео порака со која ја објавува веста.
Александар Усик беше дел од украинската армија која го бранеше Киев од руската инвазија. Во изминатите денови, пак, имаше индиции дека одбраната ги одбила агресорите, па дури и оди во контраофанзива.
Украинскиот боксер на крајот на март ја напушти татковината за да се подготви за реваншот против Ентони Џошуа.
Деновиве стана познато дека ќе има нов датум на судирот меѓу Усик и Џошуа 2.
Да потсетиме, минатиот септември големиот украински боксер постигна нешто што многу малку боксери го постигнаа – да ги освои светските титули и кај најтешките, победувајќи го Ентони Џошуа во борба за шампионските појаси на ВБО, ВБА Супер, ИБФ и ИБО, откако претходно тој освои се во полутешка категорија.
Александар Усик има биланс од 19 победи, од кои 13 се со нокаут. 35-годишниот Украинец е поранешен број 1 во полутешка категорија на ВБЦ, ВБА Супер, ИБФ, ВБО. Тој е олимписки шампион во тешка категорија на Игрите во Лондон во 2012 година.
Ентони Џошуа има биланс од 24 победи и 2 порази во професионалната боксерска кариера. Поразите се од Енди Руиз Јуниор во 2019 година и од Александар Усик. Токму Украинецот му ги одзеде шампионските појаси на АЈ во неговиот последен професионален натпревар. Ова се случи на боксерска гала одржана на стадионот на фудбалскиот тим Тотенхем на 25 септември 2021 година.