Поранешниот шампион на ВБЦ, Дионтеј Вајлдер, се уште не го знае датумот на неговото враќање во рингот и името на неговиот следен противник.
Бронзениот бомбардер во последните две години помина само 2,57 минути во рингот, а тоа беше неговиот последен меч во октомври минатата година, кога со нокаут во првата рунда го совлада Роберт Хелениус.
Една година претходно Вајлдер загуби во трилогијата против Тајсон Фјури со нокаут во 11. рунда.
Во периодот по борбата со Фјури размислуваше за пензионирање, но на крајот се врати и против Хелениус покажа зошто се уште е многу возбудлив боксер.
Во текот на годината, Вајлдер беше поврзуван со поранешните шампиони Енди Руиз Јуниор и Ентони Џошуа, но досега ниту еден од тие натпревари не е договорен.
Како што пропадна борбата против Еј Џеј, тренерот на Вајлдер, Малик Скот, истакнува дека веројатниот противник за Бронзениот бомбардер треба да биде Руиз.
„Енди Руиз е веројатно следниот противник на Вајлдер. Очигледно, на Еј Џеј не му пречи што нема да се бори со Дионтеј во текот на неговата кариера. Џошуа нема проблем со тоа, а тоа се гледа преку неговиот труд и желба за таа борба“, изјави Малик Скот и продолжи:
„Ентони навистина не сака меч против Дионтеј и сите знаеме зошто. Бидејќи стилски изгледа совршено како некој што Вајлдер едноставно би го нокаутирал“.
Фановите на боксот беа незадоволни од случувањата во тешка категорија во последните неколку месеци, додека не се појави веста дека Тајсон Фјури и Александар Усик договориле меч за апсолутен шампион.
А, Енди Руиз неодамна откри дека неговиот тим повторно преговара со Бронзениот бомбардер, а промоторот на Џошуа, Еди Херн, се надева дека Еј Џеј може да се врати во рингот во декември, но се уште нема противник.
Можеби ќе добиеме уште една интересна борба во тешка категорија до крајот на годината.