Дионтеј Вајлдер направи успешен камбек минатата година по двата порази против Тајсон Фјури. Поранешниот светски шампион во октомври со нокаут во првата рунда го победи Роберто Хелениус и потсети дека се уште е опасен удирач.
Бронзениот бомбардер веќе гледа кон нов противник. На крајот на годината се појави информација дека Ентони Џошуа е еден од кандидатите, но изгледа Вајлдер ќе боксира против Енди Руиз Јуниор.
Американско-мексиканскиот борец победи на два меча по поразот од Ентони Џошуа. Во мај 2021 година го победи Крис Ареола, а минатиот септември беше подобар од Луис Ортиз.
Тренерот на Вајлдер, Малик Скот тврди дека Руиз нема никакви шанси против Бронзениот бомбардер.
„Енди Руиз не е закана за дисциплинираниот Дионтеј Вајлдер. Ги разгледував моите белешки и снимки и забележав дека Енди има проблеми со дисциплинирани борци. Ако му дадете шанса да победи, тогаш би можел да ја искористи, но ако се држите до тактиката, лесно можете да го неутрализирате“, вели Малик Скот и продолжува:
„Тој е добар борец, но има некои недостатоци. Тешко дека може да победи некој што се држи до тактиката. Џошуа на првиот меч не беше тактички дисциплиниран, како на реваншот. Штом Еј Џеј ја подигна дисциплината, Руиз немаше решение. Според мене, и Крис Ареола беше подобар од Руиз, зема најмалку две рунди повеќе од него“.
Вајлдер е 13 сантиметри повисок од Руиз и има поголем распон на рацете. А во тоа Дионтеј ќе има предност пред евентуален противник.
„Руиз ќе се втурне кон Вајлдер и ќе се изложи на ризик. Ќе се обиде да стигне до Дионтеј, но нема да биде лесно достапен. Кога ќе сфати дека не може ништо, ќе плати скапо за тоа. Тактички дисциплинираниот Вајлдер нема да има проблеми против Руиз“, подвлече Малик Скот.
Нивниот меч се уште официјално не е договорен.