Селекторот на младинската репрезентација до 23 години, Тони Танчев, поповод настапот на Европското првенство до23 години во Валбрежич, Полска, вели дека е задоволен од настапот на борачите ЕП за борачи до 23 години, на кое нашите репрезентативци во слободен стил имаа четири победи и четири порази, а освоија и еден бронзен медал.
-Првиот наш претставник Бесмир Весели (- 74 кг), кој во првото коло со 13-4 го победи Јакуб Сцријанка од Словачка, во второто коло се сретна со Вараев Ахмет од Русија и изгуби со 9-0, со што го освои 9-то место од 21 борач. Што е солиден пласман. Вториот натпреварувачки ден во слободен стил се бореа и другите тројца наши борачи. Во категорија – 61кг настапи Јасин Реџелари, кој во првото коло се сретна со Стефан Иванов од Бугарија, при резултат 9-4 во една акција борачот на Бугаринот беше во туш позиција, но судијата не судеше цист, класичен туш. Борбата продолжи, со што Реџелари беше поразен и го заврши настапот на ЕП. Во категорија – 70 кг настапи Бехар Мамути, кој во првото коло беше слободен, а во второто се сретна со Гулијао Собор од Унгарија. Борбата беше изедначена и при резултат 1-1, нашиот борач доби пасив, а за неколку секунди бод за противникот, сето тоа се случуваше 13 секунди при самиот крај на борбата, – истакна Танчев.
Тој смета се случила судиска кражба и дека судијата не дозволил на Мамути да се пласира во полуфиналето. Во категорија на -86 кг настапи Халил Зубаиров.
-За мене тој беше најдобар во оваа категорија, но за наша несреќа, ни избега златниот медал. Во првото коло го совлада Бугаринот Гази Мехмет со 11-1, во 2-то коло се сретна со Хустин Александар од Белорусија, по 1 минута борба, но со повреда на ногата, нашиот борач пружи силен отпор, за на крајот на борбата да попушти и изгуби со 8-6. Во 3-то коло се сретна со Аркаја Илија од Украина и го совлада супериорно со 12-4 и се пласира во малото финале за 3-то место. Во мечот за бронзата се сретна со Шпанецот Даниел Рама нашиот борач не му даде шанса за освојување поени на противникот, кој на крајот го победи со 7-1 и го освои бронзениот медал. Ова е голем успех за македонското борење. Од 38 држави што учествуваа на ЕП се вееше и македонското знаме, каде што се доделуваа медалите, – нагласува селекторот Танчев.
Благодарејќи на Халил Зубаиров, кој го освои бронзениот медал, потенцира Танчев, ова е првиот медал по 2007 година од големите натпреварувања за младинци и сениори на европските и светски првенства.
-Но, се надевам дека тука нема да запреме и дека нашите борачи ќе се враќаат со медали од сите големи натпревари. Една голема благодарност да испратам до Македонскиот олимписки комитет и ФБСМ што ги обезбедија финансиските средства за да отпатуваме на Европското првенство. Се надевам дека средствата што беа потрошени на оваа Европско првенство, со бронзениот медал ги оправдавме, – категоричен е Танчев.
ipon.mk/В.Д.