Тешка категорија е полна со одлични нокаутери, а меѓу нив има и одлични удирачи. Ентони Џошуа нокаутираше 88,46 отсто од противниците, а уште поубедлив е Дионтеј Вајлдер (97,67 отсто).
Светскиот шампион Тајсон Фјури ги заврши своите последни четири борби со прекин, нокаутирајќи го двапати Дионтеј Вајлдер, потоа Дилиен Вајт и Дерек Чисора.
Неодамна во друштвото на големите удирачи се приклучи и Жилеј Жанг, кој вторпат по ред со нокаут го победи Џо Џојс, во првиот меч тоа го направи во шестата рунда, а сега падна веќе во третата рунда.
Поранешниот светски шампион Тони Белју во едно неодамнешно интервју изјави дека Дионтеј Вајлдер моментално е најголемиот нокаутер во светот.
„Дионтеј Вајлдер е веројатно најголемиот удирач во неговата ера, без никакво сомневање“, рече Тони Белју и ја спореди моќта на удирање на Вајлдер со онаа на Џошуа и Фјури:
„Навистина ме интересира како би завршило доколку Џошуа го удри Вајлдер со сите сили. Мора да се согласите со мене, Еј Џеј е далеку поголем удирач од Тајсон Фјури. И колку пати Фјури го собори Вајлдер во таа трета борба. Сите знаеме дека Џошуа е подобриот удирач“.