Маратонецот во пливање, Томи Стефановски, кој годинава влезе и во Куќата на славните на маратонското пливање во светот, е избран за најдобар спортист на Град Скопје. Најдобар клуб е шаховскиот клуб Алкалоид кој ја освои европската титула, а доминираа спортистите од боречките спортови по успесите и можеше да ги има уште повеќе.
Традиционално и годинава Гадот Скопје и Сојузот на спортски федерации на Македонија ги наградија најдобрите спортисти на Скопје за 2016 година,односно ги избира најуспешните 10 спортисти во сениорска категорија (мажи и жени), најуспешните 5 спортисти во младинска категорија (мажи и жени), најуспешен тренер, најуспешна спортска екипа од Скопје, најуспешен спортист/ка – странец кој настапува во екипа од Скопје и најуспешен спортист/ка во категоријата на лица со посебни потреби.
Томи Стефановски заслужено стана спортски лауреат на главниот град, откако го освои првото место во генерален пласман во Гранпри серијата на ФИНА во маратонско пливање. Тој исто така беше победник и на Охридскиот маратон во 2016 година.
На второто место меѓу спортистите се најде шахистот Филип Панчевски од ШК Алкалоид, а третата позиција му припадна на кикбоксерот Милан Кубин од КБК Гладијатор. Меѓу првите десетмина се најдоа и Сара Ристовска (ракомет), Наташа Стефановска (карате), Стојанче Стоилов (ракомет), Енес Смаилагиќ (карате), Дарко Велковски (фудбал), Гоце Јанески (бокс), Бобан Грнчаров (фудбал).
Во младинска категорија, лауреат е каратистот Азис Исмаил од КК Металург. Признанија добија и Моника Пендароска (карате), Елмедин Сејфулау (борење), Елиф Елмас (фудбал), Абреша Реџепи (џудо).
Најуспешна спортска екипа е шаховскиот клуб Алкалоид, а најуспешен тренер на Раул Гонзалес (РК Вардар).
Најуспешен спортист од странство е француската интернационалка Амандин Лејно (РК Вардар), додека најдобар спортист во категорија на лица со посебни потреби е Трајче Стојаноски, државен првак во пинг понг во класа 3 колички.
Ipon.mk/В.Д.