Теди Атлас за можен меч меѓу Усик и Вордли: Тој би нашол начин да победи

Минатиот викенд англискиот тешкаш Фабио Вордли ја оствари најголемата победа во кариерата кога со прекин во 11-тата рунда го победи Џозеф Паркер од Нов Зеланд и го освои привремениот шампионски појас на ВБО.
Вордли повторно демонстрираше голема издржливост и огромна сила, и без оглед на фактот дека беше во подредена улога поголемиот дел од мечот, на крајот го принуди судијата да ја прекине борбата со силен налет додека Паркер сè уште беше на нозе.
Непоразениот борец од Ипсвич се искачи на врвот на задолжителните предизвикувачи за светскиот појас на ВБО што моментално го држи двократниот неприкосновен владетел во тешка категорија, Александар Усик.
Познатиот тренер и боксерски аналитичар Теди Атлас го даде своето мислење за потенцијалната борба помеѓу Александар Усик и Фабио Вордли.
„Усик не прави грешки… Тој ги освои Олимписките игри, ја освои титулата во полутешка категорија, се искачи во тешка категорија како „помал“ човек и го победи големиот шампион во тешка категорија во својата земја. И потоа го повторувате сето тоа и покажувате дека не било случајност“, рече Теди Атлас и додаде:
„Тој е еден од најголемите што некогаш сме ги виделе. Неговата најголема предност од сите е што е роден победник. Секогаш ќе најде начин да победи. Не знам дали некој може да го запре со некоја магија. Мислам дека има посебен штит што го блокира, а зрачи и со своја магија“.
Атлас дефинитивно би поддржал меч помеѓу Усик и Вордли, и би бил особено среќен ако тој потенцијален дуел се одржи на Островот.
„Би било интересно и со одлична атмосфера, сигурен сум. И дури и да се случеше во Велика Британија… Верувам дека сите би биле многу возбудени, луѓето дефинитивно би сакале да го видат“, подвлече Теди Атлас.
Пред борбата помеѓу Паркер и Вордли, тимот на Усик објави дека победникот ќе биде фаворит за негов следен противник, но прашањето е дали тоа навистина ќе се случи.



