Русија, татковината на самбо спортот, е лишена од натпреварувања во овој спорт. Причината е воениот конфликт со Украина. Од турнири е лишена и најблиската земја до Руската Федерација, Белорусија.
Одлуката ја донесе Меѓународната самбо федерација (ФИАС).
„Наш главен приоритет е безбедноста на спортистите и претставниците на тимовите кои учествуваат на турнирите под покровителство на ФИАС. Поради зголемените безбедносни ризици, како и препораките на Меѓународниот олимписки комитет, ФИАС ги прекинува натпреварите во Русија и Белорусија.
Внимателно ќе го следиме развојот на настаните. Одлуките за следните чекори ќе бидат донесени по длабинска проценка на ризикот и консултација со безбедносни експерти“, се вели во соопштението на организацијата.
Ова е уште едно ограничување за Русија на ниво на спорт. Потсетуваме, Меѓународната џудо федерација на 27 февруари го отстрани од функцијата почесен претседател претседателот на најголемата земја во светот – Владимир Путин.
Репрезентациите на Зборнаја во трите стила на борење одбија да учествуваат на Европското првенство до 23 години и за мажи и жени, што ќе се одржат во Пловдив, односно во унгарската престолнина Будимпешта.
Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) препорача сите спортисти од Русија и Белорусија да бидат суспендирани од учество на којбило меѓународен спортски настан, дури и на најголемите спортски форуми.