Таткото на Фјури откри како сакал да ја откаже големата борба на Тајсон: Лежеше на подот и плачеше

Тасон Фјури ужива голема поддршка од семејството во текот на неговата кариера, а покрај него цело време е татко му Џон.

Во едно неодамнешно интервју постариот Фјури откри како сакал да го извлече син му од една од неговите најголеми борби до сега.

Таткото на шампионот на ВБЦ раскажува како било пред мечот во ноември 2015 година во Германија, кога за прв пат ја освоил светската титула.

„Го победи Владимир Кличко, но беше тесно. Шансите на обложувалниците беа 1-100, но знаевме дека може да го победи. Дури и тогаш Тајсон минуваше низ најлошите моменти од својот живот“, се присети Џон Фјури.

Таткото на Тајсон признава дека и тогаш неговиот син покажал ментална слабост и открива дека бил многу блиску до откажување на натпреварот.

„Во борбата влезе психички нестабилен. Сакав да го извадам од мечот. Отидов во теретана за неговиот спаринг, а тој лежеше на подот и плачеше. Помислив „што по ѓаволите се случува овде?“ и тогаш реков: Не можеш да се бориш. Заборави на сето тоа“ – рече Џон Фјури, и објасни како Тајсон сфатил дека можеби нема да добие втора шанса:

„Ми рече: Цел живот боксирам за да стигнам до оваа точка, јас сум предизвикувач број еден. Никогаш повеќе нема да ја добијам таа шанса. Како и да се чувствувам, ќе се борам и ќе победам. На крајот победи и го напушти рингот со појасот. Останатото е историја“.

Тајсон Фјури се пензионираше по победата против Владимир Кличко, почна да се дрогира и пие, имаше психички проблеми и размислуваше за самоубиство.

Две и пол години подоцна се врати во рингот, а со победите над Сефер Сефери и Франческо Пијанета стигна до мечот за шампионот на ВБЦ против Дионтеј Вајлдер.

По ремито во првиот меч, Џипси Кинг доби уште една шанса да се бори со Бронзениот бомбардер по победите против Том Шварц и Ото Валин.

Во февруари 2020 година Фјури го победи Вајлдер со прекин во седмата рунда и го освои шампионскиот појас на ВБЦ, а во реваншот во октомври следната година повторно славеше со нокаут во 11. рунда.

Тајсон Фјури го има следниот настап на 28 октомври во Саудиска Арабија кога ќе се бори со поранешниот шампион на УФЦ во тешка категорија Френсис Нгану.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО