Тајсон Фјури обнови стара повреда во грбот

Klicko Fjuri vo borba

Светскиот шампион во супер тешка категорија на ВБА, ВБО и ИБО, Тајсон Фјури, откри дека обновил стара повреда во грбот. Британецот, сепак ги смири навивачите, затоа што повредата не би требало да се појави на мегдан со Владимир Кличко.

„Добив повреда во грбот. Ми се обнови старата повреда додека му помагав на братучед ми да се подготви за саботниот меч (Хјуи Фјури го победи Доминик Гуин со едногласна одлука на судиите). Болката е во долниот дел на грбот. За прв пат се појави пред неколку години, во 2008-та. Бев во тренинг сала во Шефилд и Ричард Таурс ме удри во грбот“, раскажа Фјури во интервју за „Мирор“, нагласувајќи дека веќе 8 години чувствува постојана непријатност во тој предел.

„Ме испратија во болница и оттогаш секој пат кога ќе добијам удар во грбот, болката поминува во грч, како стискање на нерв. Многу е болно. Но, кога ќе го објават датумот за реваншот, јас ќе бидам подготвен – со повреда или без неа. Не случајно ме нарекуваат „Цигански воин“! Јас сум роден за тоа“, категоричен е Фјури.

Потсетуваме дека датумот за реваншот Кличко – Фјури се уште не е официјално утврден. Според последните информации, борбата треба да се одржи на 9 јули.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО