Поранешниот светски шампион во супертешка категорија на ВБА, ИБФ, ВБО и ИБО, Тајсон Фјури, изјави дека во блиска иднина не планира враќање во големиот бокс. Како што е познато, врв во неговата кариера беше сензационалната победа над Владимир Кличко, со која тој го совлада легендарниот Украинец. Британецот доби рекорден хонорар за овој дуел и изгледа сега нема мотивација да продолжи напред. Наместо во рингот, тој се луксузира, купува скапи автомобили и патува со семејството.
„Ќе одговорам на сите кои ме прашуваат за моето враќање. Не предвидувам ништо такво во наредните 10 години. Можно е да се вратам во стилот на Џорџ Форман, во една друга ера“, напиша Фјури на Твитер.
Во исто време неговиот чичко и тренер Питер Фјури е убеден дека еден ден Тајсон повторно ќе ги навлече ракавиците.
„Порано или подоцна Питер ќе се врати, бидејќи боксот е се што знае да го прави“, изјави Питер Фјури.
„Со Тајсон се е во ред. Тој е добро и токму сега се радува на својот живот надвор од рингот. Поминав некое време со него неодамна, но дури и не сме разговарале за можноста за неговото враќање. Само се одмораме и уживаме во семејната идила. Тајсон треба сам да ја донесе оваа одлука, да го посака тоа. Но, јас сум сигурен дека тој ќе се врати. Има само 28 години и мислам дека може да понуди уште многу на спортот“, додаде неговиот чичко.
Фјури го шокираше светот, откако го победи Владимир Кличко со едногласна одлука на судиите во Дизелдорф во ноември 2015 година. „Тајсон направи нешто што никој друг не успеал. Тој отиде во Германија како аутсајдер и го победи најдобриот во тешка категорија, кој немаше загубено 11 години. Тоа беше фантастично достигнување со кое сите ние се гордееме. Сеуште мислам дека тој ќе ја рестартира својата кариера во иднина, но не знам точно кога“, заврши Питер Фјури.