Тајсон Фјури најави борба против Френсис Нгану: Догодина уриваме ППГ рекорди

Шампионот на УФЦ во тешка категорија Френсис Нгану покажа интерес за боксот, а шампионот на ВБЦ Тајсон Фјури го гледа како еден од своите потенцијални противници.

Тој еднаш рече дека повеќе би сакал да боксира со Фјури отколку да се бори со Џон Џонс.

Ромскиот крал неодамна повторно се осврна на оваа тема во интервју за ИФЛ ТВ.

„Следната година ќе боксирам против Френсис Нгану во Лас Вегас, во февруари или март. Засега имам планирани неколку натпревари оваа година, но следната година може да имаме луди пресметки. Ќе биде голема борба и верувам дека ќе ги сруши сите ППГ рекорди во САД“, изјави Тајсон Фјури.

Британскиот боксер треба да ја брани титулата во ВБЦ против Дилиен Вајт на 23 април на Вембли.

Доколку го добие тој дуел, тогаш треба да се соочи со подобриот од дуелот меѓу Усик и Џошуа за титулата апсолутен шампион во тешка категорија.

Мечот за обединување на титулата тогаш би можел да се одржи некаде наесен.

Нгану првпат ја одбрани титулата во тешка категорија на УФЦ во јануари кога го победи Сирил Гане со едногласна одлука на судиите.

Во пресрет на таа борба го повреди коленото, а по враќањето од Камерун оди на операција, потоа го чека подолго закрепнување.

Тоа беше последната борба на шампионот според договорот со УФЦ, но по победата тој ја активираше шампионската клаузула која го задржува во УФЦ онолку долго колку што го држи појасот.

Нгану и УФЦ се уште не се договориле за точките во новиот договор, а Камерунецот инсистира на поголема плата, а има огромна желба да боксира.

Претседателот на УФЦ, Дана Вајт, не сака неговите борци да се впуштаат во такви авантури, а исклучок направи само со Конор Мек Грегор, кога му дозволи бокс меч против Флојд Мејведер.

Нгану често повторува дека отсекогаш сакал да боксира, а пред да се пензионира сака да се испроба во рингот.

„Како и да е, тоа ќе се случи. Ако потпишам договор со УФЦ, тоа мора да се најде во него. Тајсон Фјури, Дионтеј Вајлдер, би сакал да боксирам против сите… Знам дека тоа не е истиот спорт, но би бил вистински судир на шампиони“, изјави Френсис Нгану.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО