Кралот на Ромите го изгуби трпението. Тајсон Фјури му даде рок на Ентони Џошуа до понеделник да потпише договор за нивната борба или може да заборави на борбата за светската титула во тешка категорија на ВБЦ.
Преговорите траат веќе неколку недели и се чини дека Џошуа се согласил на поделба 60-40 во корист на Фјури за борбата на 3 декември во Кардиф.
Промоторот на Фјури, Френк Ворен, изјави во текот на неделата копија од договорот била испратена на адресата на Џошуа, а Еди Херн подоцна откри дека сè уште има некои помали услови што треба да се разработат.
Сопственикот на шампионскиот појас на ВБЦ, Тајсон Фјури, тврди дека Џошуа се обидува да избегне конфронтација, а во петокот на социјалните мрежи го навреди својот сонародник.
Фјури беше покрај рингот за време на саботната борба во АО арената во Манчестер, во која Џо Џојс го победи Џозеф Паркер со нокаут во 11-тата рунда.
„Еден месец размислуваат дали Џошуа сака да се бори со мене. Тие се под договор повеќе од една недела и се уште немаат потпишано. Само бараат изговори“, рече Тајсон Фјури и продолжи:
„Мислам дека повеќе ќе знаеме во понеделник, кога ќе се состанат и ТВ куќите за да ги договорат условите за емитување. Но, ми се гади од тоа и да поставувам рокови. Не знам дали воопшто ја сакаат таа борба. Немам ништо против да ги поканам овие луѓе на мојата забава, но нема да дојдат“.
Кралот на Ромите му дал на Џошуа 24 часа да донесе одлука. Тој во понеделник мора да одлучи дали ќе го потпише договорот според условите на Фјури.
„Пред три или четири недели бев убеден дека оваа борба може да се договори. Денеска не сум толку оптимист. Дефинитивно ќе се борам на 3 декември кој и да е, не ми е гајле. Ќе го нокаутирам секој што ќе влезе во рингот против мене на тој датум и ќе го нокаутира“, подвлече Тајсон Фјури.
Ворен се надева дека може да се постигне договор за да се случи борбата.
„Имаме средба во понеделник и се надевам дека таму ќе се договорат, бидејќи имаат некои свои барања. Но, да се надеваме дека ќе го одржат зборот и нема да не изневерат“, додаде Френк Ворен.