Има уште четири недели до најголемата борба во годината и најголемата во боксот, јас и Усик доаѓаме да направиме шоу – изјави неодамна Тајсон Фјури, а пред големиот реванш на 21 декември против непоразениот Украинец продолжи:
„Доаѓам добро загреан! Едвај чекам. Појасите ќе бидат мои на 21 декември“.
Судејќи по краткиот клип, на Фјури не му недостасува самодоверба бидејќи деновите се одбројуваат до неговата следна пресметка со Усик.
Да потсетиме, во средината на мај, украинскиот борец со поделена одлука го совлада Кралот на Ромите во мечот за апсолутен светски шампион во тешка категорија.
Недолго потоа, Усик ја ослободи титулата на ИБФ, која моментално ја држи Даниел Дубоа, за да направи реванш против Фјури.
А она што го прави особено интересен реваншот е желбата да се види во каква состојба ќе се појави Фјури во рингот.
Британецот никогаш немал лош настап, освен нешто послаб настап против Френсис Нгану пред повеќе од една година.
На мечот против Усик го претрпе единствениот пораз во професионалната кариера, но познато е дека за секој противник подготвува посебна стратегија, која може неколку пати да ја менува во текот на борбата и да стигне до целта.
Првата борба од трилогијата меѓу Тајсон Фјури и Дионтеј Вајлдер заврши нерешено.
Кралот на Ромите го смени стилот во втората и третата борба и на крајот убедливо го совлада Бронзениот бомбардер во двете борби.
Дали Фјури и тренерот Шугар Хил Стјуард ќе подготват поагресивна стратегија за вториот меч со Усик?
Несомнено е дека Усик повторно ќе се подготви добро, но Фјури е борец кој тешко го читаат противниците. Тој често е два чекори пред противникот во рингот.
А Усик е технички одличен борец и еден од највештите тешкаши што може да влезе во рингот. Одлично се движи, има прецизни удари и што е исто така многу важно – има моќ да го размрда противникот, што го покажа во деветата рунда против Фјури.
Иако физички не е толку голем како Фјури и Џошуа, Усик ги декласираше двајцата борци. Откако ја згази конкуренцијата во полутешка категорија, истото го направи и во тешка категорија, обединувајќи ја титулата светски првак.