Шампионот на ВБЦ во тешка категорија, Тајсон Фјури, вели дека и покрај тоа што е белец, честопати бил цел на расизам во Велика Британија поради неговото ромско потекло.
Фјури, кој го носи прекарот Џипси Кинг, е дел од етничката група ирски патници (Irish Travellers), која живее во Велика Британија и која честопати се нарекува Цигани (Gypsys). На гостување на британската телевизија тој зборуваше за расизмот по протестите во САД и целиот свет поради расната нееднаквост и вели дека можеш да бидеш жртва на расизам, без разлика на бојата на кожата.
„Јас сум бел маж, но во 2020 страдам од расизам бидејќи сум травелер и имам такво етничко потекло. Дури и сега, ќе влезеш во паб, бар или ресторан и на вратата пишува: „Го задржуваме правото да не пуштаме травелери, Цигани“. Не страдаат само црните луѓе од расизмот. И никој не кажува ништо, тоа е прифатлив расизам тука. Тоа е што е“, вели Фјури.
31-годишниот боксер тврди дека на него и на неговата сопруга Парис во 2016 година не им дозволиле да влезат во ресторан во Британија поради нивната етничка припадност.
„Тоа е страшно бидејќи не можете да го судите човекот според групата. Да се види таков знак на ресторанот беше навистина разочарувачки. Јас сум шампион во тешка категорија, кој ја претставува оваа земја, и не можам да влезам во ресторан. Секој може да биде расист, без разлика дали е бел, црн, кафеав…“, додава Фјури.