Тајсон Фјури: Испив неколку пијачки повеќе, сега е време да се вратам на работа

Поранешниот светски шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури, признава дека испил „неколку пијачки повеќе“ пред да мора да го напушти кафулето.

Неодамна на социјалните мрежи се појави снимка од пијаниот Фјури кој обезбедувачи го извлекуваат од кафуле во неговиот дом во Моркамб.

Во првиот дел од видеото се гледа како го носат до излезната врата, додека во останатиот дел паѓа на колена, се обидува да стане, а потоа ја удира главата во земја.

А таа снимка се појави само неколку недели откако загуби во мечот за апсолутен шампион од Александар Усик.

Украинецот стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија, првпат по 25 години кога тоа го направи Ленокс Луис.

Усик ја постигна најголемата победа во кариерата со поделена одлука по епската битка во Кингдом арената во Ријад.

Двајцата врвни тешкаши веќе се договорија за реванш, кој треба да се одржи на 21 декември во Саудиска Арабија.

Откако се појавија снимките од пијанството на Фјури, еден од неговите блиски пријатели изрази загриженост, истакнувајќи дека боксерската ѕвезда се уште се бори со поразот од Усик.

„Тајсон и алкохолот не одат заедно. По толку значаен пораз повторно се напи. Доколку е потребно, луѓето околу него мора да бидат подготвени да му помогнат“, рекол пријателот на Тајсон.

Но, Фјури неодамна се појави на социјалните мрежи и сподели видео од него како се враќа во салата и почнува да тренира за реваншот со Усик.

Џозеф Паркер е голем пријател на Тајсон, а во едно неодамнешно интервју откри делови од разговорот со Фјури кој на сето тоа гледа со насмевка и продолжува да ужива во животот.

„Само испив неколку пијачки повеќе. Сега е време да се вратиме на работа и да се фокусираме на борбата која е пред нас на 21 декември“, изјави Тајсон Фјури.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON