Тајсон Фјури беше непоразен во 35 борби сè додека не се соочи двапати со Александар Усик во 2024 година. Во нивната прва борба во мај, Усик го одзеде појасот на WBC од Фјури и со тоа ја комплетираше колекцијата на појаси, станувајќи првиот апсолутен шампион во тешка категорија од Ленокс Луис.
За да се квалификува за реванш со Фјури во декември, Усик се откажа од појасот на ИБФ, кој потоа му беше доделен на тогашниот привремен шампион Даниел Дубоа. Украинецот потоа ги одбрани преостанатите три појаси во уште една победа против Фјури – повторно на поени, но овој пат со едногласна одлука, а не со поделена одлука.
По втората борба, Фјури, по којзнае кој пат, го објави своето повлекување од професионалниот бокс, убеден дека всушност заслужува да ги добие обете борби против украинскиот шампион.
Усик неодамна изјави дека сака да ја заврши кариерата со трилогиска борба против Фјури, а „Ромскиот крал“ сега одговори на изјавата на Усик. Иако сè уште е официјално пензиониран, 36-годишниот Фјури објави на Инстаграм дека го прифаќа предизвикот:
„Го победив двапати и целиот свет ја знае вистината. Во секое време, на кое било место, губитник. Следниот пат (ќе се бориме) во Велика Британија пред 100.000 луѓе“, напиша Фјури.
Tyson Fury is back!!! 👀 https://t.co/Q8ZOkcxigK pic.twitter.com/7L9JMsHYzZ
— Charlie Parsons (@CharIieParsons) April 29, 2025
Многумина веќе веруваа дека Фјури ќе се врати, но се очекуваше дека тоа ќе бара борба против Ентони Џошуа – долгоочекуван судир на британски тешкаши што никогаш не се случи. Со оглед на тоа што двајцата мажи ги загубија своите појаси од Усик, се зголемуваат шпекулациите дека сега е вистинското време.
Фјури објави претходно оваа недела дека „размислува за враќање“, па се чини дека прво би можел да се бори со Џошуа, а потоа да влезе во рингот со победникот од борбата Усик против Дубоа.