Македонските таеквондисти во 2017 година ја жнееја историската година за овој олимписки спорт, велат од Македонската таеквондо федерцаија (МТФ), особено нашиот најдобар репрезентативец Дејан Георгиевски кој постигна историски резултати и се запиша во елитата на таеквондото.
Во 2017 година македонските таеквондисти донесоа три златни медали од Балканското првенство во Турција, Дејан Георгиевски (+80 кг) во сениорска конкуренција, Филип Додевски (-74 кг) и Анамарија Георгиевска (-59 кг) во јуниорска. Од ова Балканско првенство македонската репрезентација донесе и два сребрени и два бронзени медали. Филип Додевски и Анамарија Георгиевска освоија два јуниорски медали од Г-1 натпреварите: Филип (-74 кг) златен во Србија и Анамарија (-59 кг) бронзенво Австрија. Од МТФ нагласуваат дека Дејан Георгиевски (+87 кг) најнпрво освоил бронзен медал на Европското првенство за помлади сениори до 21 година(У21), на кое што патот до златото му го попречи скршеница на стапалото со која се здоби уште по првата борба на првенството. Во текот на 2017 година Георгиевски освои и златен сениорски медал во категоријата над 87 кг на Г-1 турнирот во Софија. На овој турнир се собирааа бодови за остварување на норма за Олимписките игри во Токио 2020 година.
„Овој златен сениорски медал на Г-1 турнир беше прв во историјата на македонското таеквондо. Исклучителен подвиг нашиот најдобар репрезентативец Дејан Георгиевски направи на Европското сениорско првенство во олимписки категории во Софија во декември 2017 година, каде што со пет победи го освои златниот медал категоријата над 80 кг и стана европски сениорски шампион во овој олимписки спорт. Зад себе го остави репрезентативцот на Русија, Роман Кузнецов (бронзен медал). Кузнецов е актуелен бронзен медалист од последното Светско првенство во Кореа 2017 година. Во оваа 2018 година македонското таеквондо почна бериќетно. Во февруари од Г-1 турнирот во Турција нашите натпреварувачи донесоа два медала: Дејан Георгиевски (+87 кг) бронза во сениорска конкуренција со пораз во полуфиналето од поранешниот светски шампион Димитри Шокин од Узбекистан, додека јуниорката Анамарија Георгиевска (-59 кг) се закити со бронза. Неколку дена потоа на Г-1 турнирот во Софија Дејан (+87 кг) се врати во својата комплетна форма и осови сениорски златен медал. Тој победи неколку борци од светскиот крем. Анамарија Георгиевска освои јуниорски сребрен медал“, потенцираат од МТФ во анализата на 2017 година.
Годинава македонските таеквондисти ги чека возбудлив период, првин квалификациите за младинските Олимписки игри во Буенос Аирес, Аргентина, во септември, кои ќе се одржат од 5 до 10 Април во Тунис и на кои ќе настапат Анамарија Георгиевска,Филип Стаменов ,Марко Аврамовски и Ива Поповска. Неколку дена подоцна, истите репрезентативци ќе настапат на Светското јуниорско првенство во Тунис.
„Фокус за оваа година на македонското таеквондо ќе биде Европското првенство во Русија во мај, на кое Европскиот шампион Дејан Георгиевски ќе го предводи македонскиот национален тим. Се надеваме дека македонските таеквондисти ќе се вратат со медали. Важен настап за сениорскиот тим ќе биде и учеството на Медитеранските игри во јуни во Шпанија, каде што, засега, сигурно ќе настапат Дејан Георгиевски (+80 кг) и Филип Додевски (-80 кг) во олимписки категории“, истакнуваат од МТФ.
Таеквондо генерација која фуриозно пробива во кремот на овој олимписки спорт, сметаат од МТФ и додаваат дека исклучиво за тоа говорат постигнатите врвни резултати кои се база за идните големи постигнувања.
Македонското таеквондо бележи сериозен раст на потенцијалот во сите клубови членки на МТФ кои напорно работат со нови генерации од кои се очекува голем квалитет. На последниот домашен турнир во организација на ТКД Кобра имаше 215 младинци од клубовите на МТФ, што директно говори за растот на овој олимписки спорт во Македонија.
Ipon.mk