Известивме дека Бобан Илиоски не се пласира во полуфиналето на Светското првенство во Италија поради поразот од Александар Менковиќ од Србија од 0-3. Но, според информациите од нашиот табор, а и објавените снимки, на нашиот кикбоксер судијата, буквално, му ја украл борбата, односно победата.
„Боби изгуби од Менковиќ. Судијата во рингот беше од Босна и Херцеговина, Неџо Братиќ, а Менковиќ цело време го држеше Боби. Цело време му се бесеше во првата рунда. Му даде опомена, но тој продолжи истото и во втората, а претежно во третата, во која цело време му се бесеше и го држеше Илиоски. Судијата не му даде казнен поен за тоа. Боби е оштетен од судијата во ринг“, вели селекторот Дејан Митровски – Урко.
„Неџо не знам како не ти е срам. Без разлика што си пристрасен и наклонет кон Србија. Имаш лиценца А и вакво судење е голем срам. Разбирам дека гледате низ прсти за да им помогнете, но ова беше премногу. Ова е голем срам и недозволиво да се случи на Светското првенство. Успеавте да им ја дадете победата, но го изгубивте авторитетот и почитта за добар и чесен судија со мене и останатите кои ве гледаа на овој натпревар“, напиша во коментар со снимката тренерот на репезентацијата Драган Атанасовски.
Од друга страна, Илиоски на Фејсбук го коментираше поразот:
„Велат дека поразите учат да растеме. Велат поразите се наши учители. Велат дека без пораз нема напред.
И се тоа е така, но јас никогаш не ги прифатив поразите како дел од мене.
Не сум човек што се жали,среќата не беше на моја страна. Ви благодарам на сите што ме помисливте. Животот е многу повеќе од кикбоксот“.
Резултати – СП:
К-1
-86 кг Бобан Илиоски – Адријан Бартл (Словачка) 0-3
-86 кг Бобан Илиоски – Александар Менковиќ (Србија) 0-3
.